Од јуни за 10 отсто се зголемува износот на социјалната парична помош, а за 25 отсто паричниот надоместок за родители на деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства, како и за згрижувачките семејства за деца без родители, најави премиерот Никола Груевски денеска во Делчево.
– Во Програмата имавме ветено зголемување на социјалната парична помош од 5 отсто, но пред три месеци донесовме решение да се зголеми социјалната и парична помош за 10 отсто од јуни годинава, а корисниците да ги добијат средствата во јули. За 25 отсто ќе порасне надоместокот за згрижувачките семејства за деца без родители и за родители кои имаат деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства. Нивното зголемување исто така ќе почне од јуни, а ќе биде исплатено на почетокот на јули, рече премиерот Груевски.