Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози, како и претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија, Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за имплементација на Националната програма за пристојна работа.
Со него тие се обврзуваат да работат на три приоритети и тоа инклузивен раст проследен со отворање нови работни места и создавање одржливи претпријатија, потоа создавање ефективен социјален дијалог преку зајакнување на институционалните и технички капацитети на социјалните партнери, како и на формализирање на неформалната економија.
На овие приоритети, како што истакна министерот Спасов на денешното потпишување на Меморандумот, се работело и досега и преку повеќе планови, мерки и активности постигнати се мошне добри резултати.
Притоа посочи на донесувањето на Акцискиот план за вработување на младите од кој, како што рече, произлегле конкретни активности и мерки за креирање повеќе можности и шанси за нив, но и за реализирање стимулации за создавање нови работни места за оваа категорија.
Една од нив е реализацијата на мерката за вработување на млади во текот на изминатата година која, како што рече, која создала нови 7.542 вработувања за млади луѓе во приватниот сектор за само една година.