Во Општина Шуто Оризари денеска е промовиран патролен социјален тим како дел од проектот „Патролна социјална работа“ на Министерството за труд и социјална политика.
Ваква форма на социјална работа од почетокот на годинава е воведена во општините Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, а покрај во Шуто Оризари се планира да профункционира и во Битола, Штип, Куманово и во Велес.
„Моќта на овој профил социјален работник е во неговиот непосреден контакт со лицата во ризик, можноста за изнаоѓање алтернативни техники и форми за решавање на проблемите и почитување на еден од основните принципи во социјалната работа „од помош до самопомош“, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Според него, во изминатиот период, патролните социјални работници придонеле за откривање и санирање голем број социјални проблеми како што се бездомништво, деца на улица, питачење, семејно насилство, стари лица, корисници на дрога, инвалидни лица, нарушени семејни односи.
„Едноставно, целта на проектот Патролна социјална работа е да помагаме според реалните можности на корисниците и заедницата, при тоа имајќи на ум дека превентивната акција е најдобар начин за спречување на социјалните ризици“, наведе Ристовски.
„Како ресорно министерство, заедно со партнерите од овој проектот Црвениот Крст на Град Скопје, трите општини коишто веќе го имплементираат проектот, како и новите 5 општини во коишто наскоро ќе го прошириме и понатаму ќе продолжиме да го зголемуваме степенот на пристап до социјалните услуги, а со тоа и да ја зголемиме социјалната сигурност на граѓаните“, рече Ристовски.