Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во Кривогаштани, заедно со градоначалникот Тони Заткоски, ја пушти во употреба новата и прва градинка во општината.
Спасов нагласи дека се работи за комплетно нов, современ објект со најнова и најсовремена опрема за оваа прва детска градинка во Кривогаштани.
– Ова е заеднички успех, зашто изнајдовме начин и средства со заедничка инвестиција од вкупно 5 милиони денари да се создаде овој нов и современ објект, изјави Спасов.
Според него, ова е капитален проект за општината зашто тука ќе се згрижуваат и ќе се воспитуваат децата од предучилишното образование.
– Капацитетот на градинката е за 50 деца. Со оваа градинка се создаваат и услови за правилен раст и развој на децата од предучилишната возраст. Се надевам дека наскоро овој капацитет ќе биде мал, а со општината ќе најдеме начини за друг вид соработка, рече Спасов.
Минатата година со помош на Министерството за труд и социјална политика во општина Кривогаштани се отворени дисперзираните канцеларии на Центарот за вработување и на Центарот за социјална работа.
– Во иднина ќе продолжиме да ги доближуваме институциите и услугите до жителите на оваа општина, но и да создаваме нови капацитети како што е оваа детска градинка, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Според градоначалникот Тони Заткоски, градинката што е лоцирана до основното училиште „Манчу Матак“ е веќе исполнета.
– Планираме да отвориме детска градинка и во селото Обршани кое е едно од поголемите во општината, изјави Заткоски.
Градинката располага со сите потребни услови, помагала и простории за престој на децата и за нивно воспитување, а дворот е уреден со забавни површини.