Министерството за труд и социјална политика успешно го заврши процесот на имплементација на новиот софтвер за администрирање на паричните давања од областа на социјалната заштита во делот кој се однесува на правото на социјална парична помош. Ова го соопшто министер Спиро Ристовски според кого, целта на воведувањето на овој софтвер, е поедноставување и олеснување на постапката за остварување и користење на сите парични права од социјалната заштита и овозможување исплатата на средствата да се врши преку транасакциска сметка.
„Исплаќањето на правото на социјална парична помош на трансакциска сметка почна постепено во одделни општини во текот на целата календарска година. Паралелно се правеше детална проверка на секоја исплата. По успешното развивање на овој модул, во августовската исплата овој месец се реализира на трансакциска сметка кај секој корисник на социјална парична помош“, рече Ристовски.
Со ваквиот начин на исплата, како што посочи, се заштедуваат 43 милиони денари во буџетот на Република Македонија кои досега беа реализирани како трошоци заради извршување на целокупната исплата, односно реализација на сите обврски кои постоеја кон Македонска пошта како субјект кој ја вршеше дистрибуцијата на исплатата на средства.
„Ова е значајна буџетска заштеда која ќе биде искористена во најдобар интерес за корисниците. Новиот софтвер за администрирање на парични давања ќе ни ја даде и реалната бројка на корисници бидејќи можностите да се изигрува законот со електронската размена на податоци се сведува на минимум, рече Ристовски.