Организацијата „Wildlife SOS UK” од Велика Британија, која се занимава со спасување и грижа за животни во Индија, со помош на државни службеници и полиција, ноќта помеѓу 3-ти и 4-ти јули го спаси слонот по име Раџу од неговиот сопственик злоставувач, пренесе „Индепендент“.
Раџу дури 50-години бил заложник на сопственикот, кој го принудувал да јаде хартија и пластика и го користел за питачење, а синџирите кои со години биле врзани за неговите нозе предизвикале хронична болка и артритис кај животното.
Сопственикот се обидел да им се спротивстави на луѓето кои дошле да го ослободат слонот, така што животното го врзал со дополнителни синџири и повикал пријатели, да го блокираат патот со цел камионот да не може да помине, но на крај сепак попуштил.
Волонтерите и работниците во „Wildlife SOS UK” со часови се обидувале да добијат доверба кај животното, се додека не успеале да го сместат во камионот и да го ослободат од злоставувачот. Тие во тек на спасувањето забележале дека животното плаче.
-Тимот беше изненаден кога во тек на спасувачката мисија забележа солзи низ неговото лице. Тоа беше емотивно за сите нас. Знаевме дека тој сфати дека го спасивме. Слоновите се интелигентни животни, за кои е докажано дека имаат способност да почувствуваат тага – вели Пуџа Бинепал, портпарол на организацијата.
По два дена, Раџу е однесен во градот Матхур, каде што внимателно му се отстранети синџирите и тој слободно може да се движи, а полека ја враќа нормалната тежина.
Е. Г.