Трета година по ред деца од семејства со социјален ризик ќе одат на бесплатен летен одмор. Огласот, кој ќе биде објавен утре, предвидува да опфати 2.000 дечиња.
– Поаѓајќи од универзалното право дека секое дете има право на социјална сигурност, рекреација и животен стандард е мотивот поради кој и оваа година ќе се реализира Проектот за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Проектот се спроведува од 2012 година, и досега вкупно 6000 дечиња посетиле бесплатен летен и зимски одмор, односно 4.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор а 2.000 на бесплатен зимски одмор, информираше Спасов.
Појасни дека бесплатниот летен одмор ќе го користат и децата без родители и родителска грижа родени во период од 1999 до 2003 година односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година.
Одморот ќе се користи во текот на летниот распуст во смени од по седум дена почнувајќи од 1 јули во сместувачките центи на Охридското Езеро.
На огласот може да се пријават сите родители кои користат социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток. Барањето треба да го поднесат до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење, до 27 јуни.