Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој е во работна посета на Австрија, денеска во Виена се сретна со австрискиот министер за труд, социјала и заштита на потрошувачи Рудолф Хундсторфер.
Спасов и Хундсторфер, како што информира Министерството за труд и социјална политика, во разговорите акцент ставиле на размената на искуство околу квотниот систем за вработување на инвалиди во Австрија, еднаквоста и професионалната интеграција на луѓе со пречки во развојот, вработувањето на младите, како и на активните политики на пазарот на труд за лица, кои се во опасност од дискриминација.
Министерот Спасов имаше средба и со претставници на австриската Агенција за вработување и на Виенското координативно тело за млади, образование и вработување при што меѓусебно се информираа за проектите коишто двете држави ги спроведуваат за обука и вработување на млади. При тоа, Спасов бил запознаен со координирањето во областа на обуката и вработувањето на младите, како и со актуелните проекти од сојузната служба за социјала во Виена.
Станало збор и за понудата на услуги на Агенцијата за вработување, одделот за млади, особено во областа на активната политика на пазарот на труд, како и со интеграција на пазарот на труд на лицата со потреба од минимално осигурување.
Во текот на утрешниот ден министерот за труд и социјална политика Диме Спасов треба да се сретне со управителот на Социјалната служба на Виена при што ќе се разговара за алтернативните социјални служби за луѓе со пречки во развојот. Ќе се запознае и со различните понуди во областа домување, а во план е и посета на работилници и претпријатија во кои што се вработени млади и возрасни лица со пречки во развојот, соопшти Министерството за труд и социјална политика.