Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Иран практично ја нападнал Украина уште во моментот кога почнал да ѝ испорачува оружје на Русија, предупредувајќи дека мора да се направи сè за да не се отвори нов фронт во војната.
Во интервју за Sky News, Зеленски оцени дека Иран и Северна Кореја веќе се директно вклучени во конфликтот преку воената поддршка што ѝ ја даваат на Москва.
„Иран нè нападна во моментот кога почна да ја снабдува Русија со оружје. Мора да бидеме внимателни и да направиме сè што е во наша моќ да не се отвори нов фронт. Но, да бидеме искрени – Иранците и Севернокорејците веќе нè нападнаа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека не им верува на иранските власти, истакнувајќи дека оружјето било испорачано уште на почетокот на војната.
„Ние сме на вистинската страна. Се бориме на својата земја и во својот дом. Ова е мојата земја и никој не може да ме истера од неа“, изјави украинскиот претседател.
Зеленски предупреди дека секој знак на слабост од Украина би можел да ја охрабри Русија да ја продолжи агресијата.
„Ако покажеме слабост и ако Путин успее, ќе ја загубиме иднината на нашите деца и внуци. Тој никогаш нема да застане само на Украина“, рече тој.
Во интервјуто Зеленски говореше и за проблемите во функционирањето на украинскиот воен систем. Тој призна дека со месеци постоеле сериозни несогласувања меѓу Генералштабот и Министерството за одбрана, што негативно влијаело врз мобилизацијата и организацијата на противвоздушната одбрана.
„Потребно е Министерството за одбрана и војската да работат заедно. Не може процесите да функционираат ако секој влече на своја страна“, изјави тој.
Според Зеленски, Украина би можела да се соочи со уште околу 500.000 руски војници, поради што се неопходни нов пристап кон мобилизацијата и подобра координација меѓу институциите.
Тој истакна дека противвоздушната одбрана останува еден од најголемите предизвици.
„Немаме доволно антибалистички системи. Немам време за бескрајни расправии. Тие треба да се состануваат секој час додека нашето небо не биде заштитено“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател најави и продлабочување на соработката со Обединетото Кралство во развојот на воената индустрија, вклучително и планови за изградба на голема фабрика за беспилотни летала во Велика Британија.
Осврнувајќи се на состојбата во Русија, Зеленски оцени дека рускиот претседател Владимир Путин се соочува со сè поголем внатрешен притисок.
„Неговите граѓани прашуваат каде има гориво, како ќе живеат без логистика и дизел. Путин се плаши од сопственото општество, од внатрешните предизвици и од расположението на јавноста кон него“, изјави Зеленски.
