Директното компјутерско рангирање на најдобрите 1.600 апликанти кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“ ќе биде извршено денеска во рамки на отворена програма која ќе почне во 12 часот на програмата на Македонската телевизија. Пријавени се повеќе од 20.000 лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции.
На овој начин треба да се обезбеди силна транспарентност на процесот на избор заради елиминирање на влијанија од човечки фактор и протекционизам, односно ќе се овозможи правичност на самиот процес. Пријавени се над 20.000 апликации, а директниот избор ќе претставува финално, прво, основно и потесно рангирање.
Изборот ќе биде направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен. За секоја од овие категории се предвидени по 400 вработувања при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.
Изборот ќе биде извршен од компјутерски електронски софтвер кој ќе содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.
Лицата кои ќе бидат најдобро рангирани ќе бидат наведени по име и презиме, а по јавната селекција сите тие ќе бидат и писмено известени за резултатите.
Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор. Лицата, пак, кои ќе се најдат меѓу 1.600-те првично ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, а потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите дел ќе бидат преземени во други институции согласно нивните потреби за што методологијата ја изработува Министерството за информатичко општество и администрација.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува денешното јавно извлекување за вработување на 1.600 лица од социјални категории ќе се спроведе на транспарентен начин и оти работа ќе добијат оние кои најмногу и ја заслужуваат.
– Со оглед на фактот дека распределбата ќе биде пренесувана на телевизија и изборот ќе се изврши јавно, а јавноста ќе може да го следи, убеден сум дека ќе се спроведе на најдобар транспарентен начин и оти оние кои ќе добијат работа, ќе бидат лицата кои најмногу и заслужуваат, иако и сите други кои конкурирале спаѓаат во овие категории на граѓани, изјави вчера во Петровац вицепремиерот Ставрески.
Тој додаде дека на ваков начин Владата ќе им помогне на оваа категорија на граѓани во решавањето на нивниот социјален статус, а од друга страна ќе се надополни недостатокот на кадар во оние институции каде во меѓувреме се намалил бројот на вработени.
Проектот на Владата за вработување на 1.600 лица од најсиромашните семејства, рече вицепремиерот Ставрески, е направен на транспарентен начин со една хумана цел во истовреме да се реши прашањето на вработување онаму кадешто има потреба во јавниот сектор, а од друга страна ќе им се овозможи на оваа категорија граѓани кои најмалку имаат шанса да се вработат да дојдат до работно место.