Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска на прес-конференција информираше дека рокот на аплицирање за условен паричен надоместок наменет за средношколците од социјално загрозените семејства истекува на 30 септември.
Потсети дека еден од условите за исплата на овој тип социјална помош е редовноста во училиштето која мора да биде најмалку 85 отсто од бројот на реализираните часови за секое училишно тромесечие.
Од оваа година парите ќе бидат исплаќани на мајката на средношколците и во четири исплати од по 3.000 денари. Ова решение, како што истакна Спасов, произлегло истражувањето на реномирани светски експерти кое покажало дека најдобри резултати во изминатите четири години, колку што се спроведува програмата, имало во општините каде што мајката била примател на средствата и каде надоместокот се исплаќал во четири исплати од по 3.000 денари.
– Очекуваме околу 10.000 ученици оваа учебна година да го остварат правото на условен паричен надомест. За реализација на оваа мерка се предвидени 120 милиони денари, рече Спасов.
За да се аплицира за Условен паричен надоместок потребно е во надлежниот центар за социјална работа до 30 овој месец да се поднесе барање и потврда за редовен ученик од училиштето каде што се посетува настава. Доколку апликантот поднесе барање по 30 сепетмври ќе има можност да се вклучи во програмата од наредното училишно тримесечје. Краен рок за поднесување на барања за условен паричен надометок за едно лице да може воопшто да се вклучи во програмата за тековната учебна година е 31-ви Март, но во тој случај корисникот ќе може да добие само една од предвидените четири исплати.
Програмата за Условен паричен надометок започна да се спроведува од почетокот на учебната 2010/2011 година. Годишно околу 10.000 семејства го користеле ова право, но има и такви кои ја изгубиле помошта.