Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со градоначалникот на општина Долнени Боше Милошески, директорот на Центарот за социјални работи и претставници на Црвениот крст, денеска го посетија петчленото семејство Петровски од село Вранче, Прилеп.
Ова семејство живее на работ на социјална егзистенција, поради што Министерството за труд и социјална политика презеде мерки за укажување првична помош.
Спасов потенцираше дека на Петровски ќе им биде доделена еднократна парична помош, донации во покуќнина од проектот „Се грижиме за топол дом“, како и пакети со облека и обувки за децата.
За 12-годишниот Ивица, Министерството обезбеди соодветна инвалидска количка.
Црвениот Крст донираше пакети со храна и прехрамбени артикли, хигиенски намерници, а општина Долнени ќе додели еднократна парична помош, дрва за огрев и градежни материјали за реконструкција на руинираната куќа.
Министерството за труд и социјална политика преку Центарот за социјални работи ќе му помогне на семејството Петровски да се стекне со сите права, кои му следуваат согласно законот.