Четири куршуми завршиле во просториите на бугарскиот клуб со контроверзно име „Цар Борис III“ во Охрид. Ова се непотврдени информации кои ги споделија од бугарската фондација „Македонија“. Тие бараат итно апсење на сторителот, а во спротивно, сметаат дека Бугарија треба да прекине со снабдување на Македонија со струја и гас.
„Стрелецот против бугарскиот клуб во Охрид пукал додека светеле светлата во просторијата, односно бил јасно свесен дека може да убие луѓе. 4 куршуми влегле во собата!!! Скопје итно да го уапси напаѓачот или последиците да бидат банкрот на македонската економија, бидејќи ќе ги прекинеме струјата и гасот за Северна Македонија!“, стои во објавата на фондацијата споделена на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Засега од МВР не ги коментираат овие информации. Нема потврда дали навистина имало истрели од огнено оружје, дали е намерно пукано, како и дали е откриен сторителот. Реакции има и од бугарскиот историчар Ангел Димитров.
„Тоа е еден брутален чин на омраза. Инцидентите влијаат на двете страни“, искоментира Димитров.
Македонското МНР го осуди случајот.