Претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Томе Блажески, смета дека нема ништо спорно во името. Иако пред седиштето има револтирани граѓани кои протестираат и сметаат дека е спорно овој клуб да биде именуван по цар кој бил на чело на бугарската држава за време на Втората светска војна и окупацијата на Југославија, а во нејзини рамки и на Македонија, за Блажески нема никаков проблем.
„Ние кажавме дека немаме никакво фашистичко движење или неонацистичко. Доколку имаме во иднина, може да не суди државата. Ние го избравме името по последниот цар на Бугарите. Тој е важен за нас. Ние сме почитувачи на ликот и делот. Се исполитизира целата работа“, посочи претседателот на бугарскиот клуб.
Тој додава дека во клубот ќе се промовира културата на бугарскиот народ и Бугарите во Македонија.
„Ништо лошо не сме направиле. Регистриравме здружение согласно законот. Нас легално сите документи ги имаме дадено до државата Република Македонија. Никогаш не сме направиле ништо лошо против нашиот народ или државата. Тоа е наша држава, наш град. Тука живееме“, додаде Блажески.