Коавторот на цртаната филмска серија „Симпсонови“, сценаристот и продуцент Сем Сајмон (58), кој боледува од рак во завршна фаза, откако престана да работи на познатата серија во 1993 година своето богатство го троши на борба против гладта и за правата на животните.
Според магазинот „Холивуд репортер“, дипломецот на Универзитетот Станфорд, кој израснал во Беверли Хилс и Малибу, тврди дека и самиот не може да каже колку пари досега вложил во добротворни цели.
Сајмон е основач на фондацијата „Сем Сајмон“ во Малибу, што се бори за спас на гладните и животните скитници.
Со години го помага работењето на организацијата за заштита на животните ПЕТА, која во знак на благодарност своето седиште во Норфолк, во Вирџинија го именува по него „Сем Сајмон Центар“.
Пред пет месеци на Сајмон, деветкратниот добитник на „Еми“ награди, е дијагностициран рак на дебелото црево во завршна фаза и лекарите му предвидуваат од три до шест месеци живот.
Поради болеста Сем Сајмон одлучи да ги донира во добротворни цели своите авторски хонорари за серијата „Симпсонови“, кои како што самиот изјави му носат годишна заработка од над десетина милиони долари.