Младата кумановка, Даниела Бошковиќ која боледува од карцином на вилицата и анорексија, утре ќе замине на Клиниката за Гастроентерохепатологија во Скопје, на подготовка за хируршки зафат.
Бошковиќ со месеци моли да и се помогне. Толку време немаше како што вели 5.000 денари за да отиде на операција. Откако неколку хумани лица уплатија донации, таа конечно собра пари за потребната инфузија, но и за итната операција.
А1он неколку пати пишуваше за оваа самохрана мајка на две малолетни деца, која што освен со болеста се соочува и со финансиски проблеми за кирија, сметки, но пред се и за храна. Киријата што ја должи за три месеци е 9000 денари, а во нивниот дом со денови нема ништо за јадење освен неколку шишиња зејтин што им беа донесени.
Иако Министерството за труд и социјална политика донесе решение да и ги врати укинатите социјална помош и надоместокот за нега, на нејзината сметка парите за нега се намалени за 1200 денари, а таа не знае која е причината за тоа.
Претставниците од адвокатска канцеларија „Георгиевски“ од Куманово на Бошковиќ и обезбедија бесплатна правна помош и се обидуваат преку правен механизам да пронајдат решение за нејзината тешка финансиска состојба. Тие сега упатиле барање и до градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
До тогаш Бошковиќ е оставена сама на себе да се справува со сиромаштијата, во која што живее со нејзините две деца и со мислата дали утре ќе има да им даде нешто да јадат, но и дали ќе останат со покрив над главата, бидејќи поради неплатените сметки за неколку месеци, сигурна им е само улицата.
Елена Георгиевска