Пребарувачот „Еџ“ на Мајкрософт напредуваше на списокот најпопуларни интернет-прелистувачи. Имено, „Еџ“ го престигна и „Фајрфокс“, по неколкумесечниот „нерешен резултат“, покажуваат податоци на „Статкаунтер“.
Кон крајот на јуни, „Еџ“ имал удел на пазарот од 3,4 отсто, додека „Фајрфокс“ падна на 3,29 отсто и со тоа ја продолжи својата надолна линија последниве 12 месеци. „Еџ“ со тоа ја зазеде третата позиција зад „Гугл хром“ кој има 65,27 насто и „Епл сафари“ – 18,34 отсто удел.
Откако се појави во јануари 2020 година, „Еџ“ имаше бавен почеток, но како што одминуваше годината, заземаше сѐ поголем замав. Повеќе од тројно е зголемен нивниот удел на пазарот од минатото лето досега. Ова е резултат на новите маркетинг-потфати, но и подобрувањето на понудата до корисниците.
За време на пандемијата, Мајкрософт понуди голем број подобрувања, вклучувајќи тука и генератор за безбедносни лозинки, вградена алатка за споредба на цени, вертикална лента со јазичиња и слично. А, исто така, и брзината на прелистувачот е подобрена.