Додека се интонираше унгарската химна на вечерашниот натпревар од Европското првенство меѓу Унгарија и Германија, еден германски навивач истрча на теренот, држејќи развеано знаме со боите на виножитото. Навивачот со овој потег изрази протест за состојбата со ЛГБТ-правата во Унгарија – тема за која земјата постојано е критикувана во ЕУ.
Химната на Унгарија беше исвиркана од поголемиот дел од германските навивачи, додека за време на изведба на химната на Германија, унгарските фанови се свртеа со грб кон теренот.
Сите овие настани се реакција на деновиве донесениот нов закон во Унгарија со кој се забранува размена на информации за хомосексуалноста со лица под 18 години. На наставниците во земјата со ова им е забрането за време на часовите да зборуваат за хомосексуалноста како нормална форма на сексуално однесување.
УЕФА не дозволи употреба на осветлување во боите на виножитото на „Алијанц Арена“ во Минхен на денот на натпреварот, со образложение дека таквиот потег би имал политички карактер, што се коси со правилата на европската фудбалска асоцијација.
Натпреварот заврши нерешено, 2:2, и со тоа Унгарија го заврши настапот на Европското првенство.