Забави во сред пандемија и пораст на бројот на заболени се организираат и во Битола. Со клубски светла и разиграни гости на турбофолк музика, помина вчерашната вечер во угостителскиот објект „Император“. Сите присутни се забавуваа до доцна вечерта, иако, меѓу нив немаше растојание ниту за разминување, а не пак, дистанца од препорачаните два метри. И тука, интервенирал Пазарниот инспекторат, кој затекнал прекршување на протоколите. Инспекторите ќе поднесат кривична пријава и против овој клуб, а судот ќе треба да одлучи колкава казна ќе треба да плати.
Во моментот додека инспекторите интервенирале, дел од гостите го напуштиле објектот. Но, тој продолжил да работи и откако му била поднесена кривична пријава. Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, веќе најави дека побарал поголеми ингеренции за инспекторите, со цел, сите угостителски објекти кои не ги почитуваат протоколите, да бидат веднаш затворани.
Забава со српска музика имаше и во струмичкиот клуб „Аватар“, каде имаше гужва, без дистанца и маски. Клубот веќе има две кривични пријави, а ќе биде поднесена и трета за вчерашната журка.
Освен во Струмица, забави имаше и во Скопје. Клубот „Мош“ втора вечер по ред организираше настап на Владо Георгиев и инспекторите по втор пат констатираа прекршување на протоколот. Истовремено, забава имаше и на улица „Македонија“ во локалот „Гнездо“ каде не се почитувале мерките, а тие ќе бидат казнети за пренесување на заразна болест постапувајќи спротивно на прописите и непостапувањето според здравствени протоколи сред епидемија.
Ваквите забави доаѓаат во време кога се бележи драстичен раст на новозаболени лица од коронавирус. Епидемиолозите сметаат дека неодговорното однесување значително ќе допринесе бројот на пацинети да расте.