Министерот за труд и социјална работа Спиро Ристовски изрази разочарување и загриженост од одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за три члена од законското решение за регистарот на педофили. Тоа, смета Ристовски, може да ја наружи превенцијата и заштитата на децата, со оглед на тоа што сторителите на вакви кривични дела во најголем дел ги повторуваат.
– Шокиран сум и разочаран, но најмногу од се сум загрижен заради тоа што Уставниот суд донесе таква одлука бидејќи станува збор за најбитни одредби од овој Закон. Шокиран сум што Уставниот суд прифати иницијатива од пет педофили и сторители на сексуална злоупотреба кои се осудени за ова кривично дело и отслужуваат казна во тетовскиот затвор сметајќи дека со ова законско решение им се нарушил нивниот личен интегритет и интегритетот на нивните семејства. За каков личен и семеен интегритет станува збор со оглед дека ова се лица кои посегнале кон сексуална злоупотреба на малолетни деца, а дел од нив се сторители на сексуално злоставување и педофили кои обљубиле свои биолошки родени деца, рече министерот Ристовски одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Центарот за поддршка на млади во Шуто Оризари.
Разочаран сум поради ваквата одлука, додаде Ристовски, и поради фактот што, Законот беше усвоен во Парламентот со мнозинство, едногласно, без ниту еден глас против, не беше осуден од никого во јавноста, а исто така никој од експертската јавност и од невладиите организации не рече дека тој е лош или е спротивен на Уставот.
– Законот имаше единствена цел да делува превентивно да не ни се случи децата повторно да бидат злоупотребени од педофили бидејќи педофилијата и сексуалната злоупотреба се кривични дела кај кои се бележи најголемо повторување. Лицата кои се осудени за вакви кривични дела по издржувањето на казната затвор во најголем дел ги повторуваат. Мислам дека одлуката за поведување постапка на Уставниот суд е голема грешка бидејќи доколку во понатамошниот дел од постапката донесе одлука дека одредбите од Законот се неуставни, јас сум загрижен за иднината и безбедноста на голем број деца со оглед на тоа што сторителите по излегувањето воопшто не ја менуваат својата психолошка состојба и повторно, што е научно и практично докажано, го повторуваат кривичното дело, рече министерот за труд и социјална политика.
Апелираше при одлуката на Уставниот суд да надвладее разумот и волјата за заштита и грижа на децата.
– Верувам дека Уставниот суд ќе донесе правилна одлука. Не сакам да се мешам во неговата работа и финална одлука. Каква и да биде таа, ние ќе ја прифатиме, но истовремено Владата и Министерството нема да запрат тука. Доколку бидат поништени одредбите од овој Закон ќе продолжиме со нашата интензивна борба со слични и идентични мерки со кои ќе се обидеме да ги заштитиме децата во Македонија, рече Ристовски.
Уставниот суд вчера постапка за три члена од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, донесен во 2012 година.
Поведена е постапка за член 5, став 2 од Законот со кој се определува покрај другото во регистарот за оваа група луѓе што го води Министерството за труд и социјална политика преку јавната установа Завод за социјални дејности да се објавуваат податоци на интернет страницата, а во став 3 од истиот член се определува податоците за осудените лица внесени во регистарот да се јавно достапни.
Член 10 од Законот определува можност за осуденото лице по основ за сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетни лица, да може да побара изземање од јавно објавување на нивните податоци во регистарот.
Членот 11 пак се однесува на постапката пред надлежниот суд во врска со барањето за изземање од јавното објавување на податоците на осуденото лице.
Поведувањето на постапката е затоа што Судот смета дека членот 5, во ставовите 2 и 3 не е доволно прецизен бидејќи се навлегува во личниот и семејниот живот на осуденикот и членовите на неговото семејство, како и во личниот и семејниот живот на жртвата.
Дилема се јавува и за тоа дали објавувањето во регистарот е веднаш по правосилноста на пресудата или после издржувањето на казната затвор. Во одредбата не предвидува во кој момент ќе бидат достапни на јавноста тие податоци, како и временскиот период, односно колку време ќе стојат тие податоци во регистарот.
Што се донесува пак на целината на Законот, Судот оцени дека има уставна основа за постоење на ваков закон со оглед дека со член 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, која е дел од внатрешниот поредок на Република Македонија законодавецот може со закон да определи мерки за сречување на кривични дела и за заштита на здравјето и моралот, но притоа да се води сметка за личниот и семејниот живот на граѓанинот.