Журките со стотици гости во струмичкиот клуб „Аватар“ и непочитувањето на протоколите за заштита од Ковид – 19, покрај гостите кои испратија снимки до редакцијата на „А1он“, ги регистрирала и полицијата. Од Министерството за внатрешни работи велат дека утврдиле повеќекратни прекршувања.
„Секторот за внатрешни работи Струмица на 29/30.08.2020 година во времето од 22.00 до 02.00 часот изврши контрола на повеќе угостителски објекти меѓу кои е и угостителскиот објект ’Аватар’. Во времето на контролата, полициските службеници ја констатирале следната состојба: непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, предвиденo во чл.206 од Кривичниот законик, присуство на малолетници подоцна од 24,00 часот, предвидено во чл.21 од Законот за јавен ред и мир и пуштање гласна музика, предвидено во чл.8 од Законот за јавен ред и мир, за што ќе бидат поднесени соодвентни поднесоци до надлежните институции“, велат од МВР за „А1он“
Нови кривични пријави за „Аватар“ најави и Државниот пазарен инспекторат чии инспектори биле во контрола во петокот, но не утврдиле непочитување на мерките, па затоа во саботата воопшто не направиле контрола таму. Директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски за „А1он“ изјави дека е можно повторно да го затворат на еден месец клубот, кој, на еден месец, беше затворен и во јули.
За време на забраната изречена поради непочитување на мерките и журки со по 1500 лица кога во Македонија беа регистрирани 240 новозаболени за еден ден, клубот се пререгистрирал во дискотека со кафе – бар и сега работи како кафе – бар оти за ноќните клубови се уште нема протоколи. Веќе неколку дена забавите ги најавува на социјалните мрежи со нагласување дека се почитуваат протоколите од Комисијата за заразни болести, дека се внимава на максимално дозволениот број гости и им се извинува на оние кои не успеале да влезат поради протоколите.
На журките изминативе неколку дена, според видеоснимки од гости во клубот, воопшто не се внимавало на мерките за заштита од Ковид – 19 кои пропушуваат во локалот да има онолку гости колку што има столици.