Бујар контра Османи: Како министерот седум дена манипулира дека „утре“ ќе го објави протоколот

Од:

Точно седум дена или една недела, помина од првото ветување на министерот Бујар Османи дека протоколот со бугарски желби на кои Македонија се обврзува да ги исполнува, а поврзани и со историски прашања, ќе биде јавно објавен. За овој документ имаше десетици јавни изјави од Османи дека е усогласен од Владата. И скоро исто толку од него и Владата дека не е усогласен. Додека цела јавност чекаше протоколот да биде презентиран и јавно, министерката на Бугарија, Теодора Генчовска кажа дека таа се договорила со Османи, текстот да биде сокриен.

Петок, 1 јули 2022 година

Првата изјава на Османи беше минатиот петок, во Владата. Таму кажа: „Тој е усогласен протокол. Се разбира усогласен помеѓу министерствата за надворешни работи“. Истиот ден, во телевизиско гостување во „Топ тема“ рече: „Утре ќе го објавам“.

Сабота, 2 јули 2022 година

Веќе следниот ден, односно саботата, Османи беше одново прашан дали протоколите се усогласени со Бугарија, на што одговори: „Вчера имавме комуникација, продолжување на разговорите, се усогласува новиот француски предлог. Во првиот не можевме да дефинираме Устав наспроти прва меѓувладина конференција. Сега бидејќи е нов предлог, тој параграф треба да се адаптира. Оставивме во понеделник он-лајн да се видам со министерката да го заокружиме и да бидеме готови“.

Поради ветувањето дека истиот ден ќе го објави и протоколот јавно, „А1он“ испрати прашање дали ќе го достави јавно. Османи се предомислил и одговори: „Да, планирав но видов дека од брифингот останале многу неразјаснети работи, па мораме прво ти е да ги објасниме инаку ќе се измешаат уште повеќе. Утре, максимум задутре го објавувам“.

Недела, 3 јули 2022 година

Неделата помина без дискусија.

Понеделник, 4 јули 2022 година

По крајниот рок во понеделникот, кој Османи сам си го зададе да го објави протоколот, веќе немаше ниту одговор на пораките од „А1он“. Она што го изјави јавно во телевизиско гостување во ТВ24 беше дека протоколот се усогласува се уште

„Сабајле се слушнав со Генчовска вечер пак треба да го доусогласиме протоколот. Пред да го потпишам протоколот ќе го објавам и ќе го презентирам како што го презентирам и францускиот предлог“, кажа Османи.

Вторник, 5 јули 2022 година

Во вторникот, „А1он“ прати нови пораки до Османи кого го прашавме дали ќе го објави протоколот, на што одговори со „Да“. Прашан кога може да се очекува текстот да биде презентиран пред целата јавност, тој не одговори.

Среда, 6 јули 2022 година

Во средата, министерката за надворешни работи на Бугарија во оставка Теодора Генчовска, откри дека со Османи се договориле да го кријат текстот на протоколот. Истовремено, го демантира дека текстот на протоколите не е усогласен.

„Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пред некој ден дека протоколите се затворени. Се надевам дека стои на зборот. Јас ќе стојам на моето ветување – нема да ги отвораме текстовите“, кажа Генчовска.

„А1он“ веднаш по изјавата на Генчовска го праша и Османи, дали нивниот договор е причина што цела недела, јавност го моли да ги објави протоколите. Тој не одговори на пораката, иако во два наврати беше побаран негов став по ова прашање.

Четврток, 7 јули 2022 година

И вчера (четврток), Османи се појави во медиумите, овојпат говореше за „Канал 5“. Кажа дека се дигнала фама околу протоколот, но не одговори од кого го крие. Не кажа ни кога ќе го објави

Османи беше прашан дали чувствувам срам и одговорност што за содржината на протоколот се дознава од бугарските медиуми, на што одговори: „Немам никаков срам, протоколот е записник од седница, седница која не е одржана. За да има записник една седница, треба да има седница. Ги усогласуваме мерките кои тој записник треба да ги има за наредната недела“.

Петок, 8 јули 2022 година

Денеска, „А1он“ го праша Османи и зошто ги излажа јавноста и медиумите дека ќе го објави протоколот, кога со Генчовска се договорил дека ќе го кријат текстот.

Османи ја префрли топката кај пратениците: „Треба насоки од Парламентот пред да се продолжи понатаму со процесот“.

Освен министерот за надворешни работи Бујар Османи, објавување на протоколот по неговото усогласување, најавуваше и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Истото го направи и премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со Шарл Мишел, кога вети дека текстот ќе биде јавен. Протоколот не е доставен ниту до Собранието.

Би можело да ве интересира

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува

Адеми: Волјата на гласачите е запишана, таа ќе биде дел од идните политики на државата

Османи: Одлучувачки избори за иднината на државата

Катерина Ѓуровски

Османи: Големиот Eвропски фронт ќе биде моќен штит за растечкиот национализам и ќе стане мост кон Брисел

Османи: На затворена седница ќе презентирам информации за Бањска, а Владата ќе одлучи за натамошно учество во „Отворен Балкан“

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов