Американскиот адвокат Драган Иветиќ денеска го оспори сослушувањето на жалбите на првостепената пресуда на неговиот клиент, поранешниот командант на армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, кој е осуден на доживотен затвор, укажувајќи на неспособноста на Младиќ за судење.
Во судницата на Кривичниот трибунал за Хаг, тој детално зборуваше за етички кодекси, судска пракса и Американската адвокатска комора, велејќи дека е принуден да учествува во рочиштето за да ги заштити интересите на клиентот, иако не може да добие валидни инструкции од него, ниту мисли дека тој е способен за тоа.
– Како адвокат, треба да ги бранам правата на мојот клиент, кој е со намалени способности и не е во можност да учествува во судењето на кој било начин, рече Иветиќ.
Нагласувајќи дека ова рочиште е несоодветно и дека е доведено во прашање остварувањето на правдата, адвокатот истакна дека и судиите и обвинителството треба да спречат да се одржи судењето.
Иветиќ смета дека повеќето судии ја донеле одлуката за сослушувањето без да ги земат предвид ставовите на медицинските експерти за здравјето на Младиќ.
Правниот советник Пета Луис Багот изнесе аргументи во прилог на жалбата, истакнувајќи дека одбраната бара да се смени првостепената пресуда со која Младиќ е осуден на доживотен затвор.
Младиќ присуствуваше во судницата, со заштитка маска на лицето.