Легендарниот музичар Мишо Ковач, кој на музичката сцена е повеќе од 50 години, повторно е актуелен со неодамна објавена ретроспективна „Антологија“, на шест компакт-диска во издание на „Croatia Records“.
Меѓу вкупно 131 песна, одбрани лично од него, е и песна на македонски „Калеш бре, Анѓо“.
Снимката „Калеш бре, Анѓо“, која Мишо на своја иницијатива ја сними во 2014, од заборавот ја спаси Зулфи Назифовски.
Мишо отсекогаш многу ја сакал оваа песна, како и целото македонско богато звучно културно наследство.
Назифовски, пак, е музички новинар, колекционер на винили и компакт-дискови, човек кој има голема музичка архива.
По потекло е од Македонија, а живее во Словенија.
-Мишо отсекогаш бил музички феномен на нашиот регион, а бројни компилации објавени во негова чест сведочат за неверојатно успешна кариера. Некои одбележаа одреден период на активност, некои беа избор на најголеми хитови, но, ова е нешто посебно. Ова е најобемната колекција на песни на Мишо, која датира од самиот почеток на неговата активност до најновиот период, наведуваат од „Кроатија рекордс Македонија“.