Три пријави од граѓани досега електронски се поднесени до МВР против непознат сторител за бруталното шутирање на кучето во Куманово, велат оттаму за „А1он“. По пријавите, се превземаат сите дејствија за идентификување на лицата кои се иживуваа со кучето, по што, по прибирањето на доказите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
За мачење на животни, како што пишува во членот 233 од Кривичниот законик, следува казна до една година затвор.
„Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, пишува во Кривичниот законик.
Лицата кои го малтретирале кучето, со снимката се пофалиле и ја објавиле на социјалните мрежи, а подоцна ја тргнале, откако видеото стана вирално.
Од снимката се гледа како момчето кое снима вели: „Еве ги пријаелот каде се чеша“ на кумановски дијалект, а потоа, другото лице со залет го удира силно кучето во пределот на стомакот. Кучето со болка и плач избега. На крајот од видеото повторно се слуша како лицето вика: „Го ритна несакајќи“.
На социјалните мрежи веќе има бура од реакции од граѓани, кои го осудуваат ваквиот чин и бараат најстрога казна за лицата кои го сториле ова дело.