Дигиталната инклузија, особено на лицата со попреченост и возрасните лица, и значењето на компјутерските вештини за поттикнување на вработувањето на младите ќе бидат во фокусот на активностите на здружението „Отворете ги прозорците“, кое трета година по ред, е национален координатор на кампањата Get Online Week која се спроведува во 27 европски земји.
Од денеска до 24 март околу десет илјади организации, членки на Telecentre-Europe ќе организираат различни активности кои ќе промовираат дигитална инклузија во цела Европа.
Во одбележувањето на Get Online Week во Македонија здружението ќе вклучи повеќе училишта, јавни институции, граѓански организации и медиуми. Секој граѓанин ќе може да ја даде својата поддршка преку пополнување на дигиталниот бројач кој ќе биде поставен на веб-страницата на „Отворете ги прозорците“ www.openthewindows.org.
Централен настан на кампањата во Македонија е тркалезната маса на тема „Дигиталната инклузија во Македонија“, која ќе се одржи на 20 март во Скопје. Целта е да се информираат јавноста и релевантните чинители за потребата и тековните иницијативи за подобрување на дигиталната инклузивност на македонското општество. Исто така, во соработка со Универзитетот „Трето доба“ на 22 март на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе биде организирана трибина на тема „Информатичката технологија и третото доба: Можност или потешкотија“. Целта е да се пренесе пораката дека возрасните лица можат да ја користат и да уживаат во придобивките од технологијата во различни сфери од животот.
Сите активности на кампањата реализирани во Македонија ќе може да се следат на веб-страницата на Здружението, како и на Facebook и Twitter.