Повеќе од 20 милиони денари или околу 325 илјади евра се индициите за затаен данок од фирмите поврзани со првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Управата за јавни приходи (УЈП) открила затајување данок во БМЈ груп (фирмата сопственик на 1ТВ), Меѓународен сојуз и „Томато продукција“, а контрола извршила и во 1ТВ, но таму не нашле основи за поднесување кривична пријава.
Од УЈП велат дека лице кое не е многу познато во јавноста се пријавило да ги преземе фирмите и да ги плати нивните долгови.
Во Меѓународниот сојуз во кој претседател беше Боки 13, УЈП при контролата забележала дека не се приложени документи за ваучерите за одредени семејства за кои биле исплаќани средства со што бил сокриен приходот. Инспекторите откриле договор меѓу Јовановски и компаниите „Дрим Билдинг“ и ГП „Пелистер“ за изградба на Европски комплекс, а парите кои тие требало да ги добие Сојузот, биле префрлени на физички лица односно кај заменик претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ и кај пензионерката Лилјана Тодоровска, на нивните лични сметки.
Од УЈП вчера на Јовановски му бил доставен записникот, но тој одбил да го потпише со образложение дека дал неотповиклива оставка во Сојузот.
Во БМЈ Груп, УЈП при контролата забележала префрлање на пари од 1ТВ за набавка на опрема, но не била издадена фактуира со што не бил пресметан данок. БМЈ Груп не евидентирале фактури и за концертите на Северина и Марија Шерифовиќ со што не го искажале приходот и нема пресметка на ДДВ.
Инспектори од Управата извршиле контрола и во „Томато продукција“ која за 4.000 евра месечна закупнина му го издавала објектот на Боки 13 за телевизијата.
Од УЈП информираат дека врши контрола во уште една фирма, која била поврзана со овие три фирми и дека ќе направи контрола на физичките даночни обврзници што работеле со овие фирми.