Претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган и Србија, Александар Вучиќ во Белград ја опишаа соработката меѓу двете земји како исклучително добра, посочувајќи дека Белград и Анкара имаат исти цели и интереси во билатералните односи, надминување на проблемите од минатото и воспоставување мир и стабилност на Балканот.
„Нашата соработка е на исклучително ниво и Турција и натаму ќе обезбедува поддршка за стабилноста на Балканот и ќе игра конструктивна улога во помагање на земјите од регионот да ги остават проблемите зад себе и да соработуваат“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција по разговорите со Вучиќ.
Ердоган ја започна дводневната посета на Србија денеска, а на новинарите им кажа дека потпишувањето на девет договори со Србија во областа на безбедноста, одбраната, културата, образованието, индустријата и технологијата, самото по себе говори колку биле плодни разговорите меѓу претставниците на двете држави во Белград.
Двајцата претседатели го нагласија значителното и стабилно зголемување на економската соработка меѓу двете земји, а Вучиќ рече дека од 800 милиони евра во 2018 година, се достигнати нешто повеќе од една милијарда евра, а за осум месеци годинава размената се зголемила за 13 проценти во споредеба со лани, одонсно дека српскиот извоз е зголемен за 7,8 пати од 2009 година.
Само со извозот на говедско месо, Србија ќе заработи 35 милиони наместо досегашните 25 милиони евра, порача српскиот претседател.