Оскаровцот Роберт де Ниро е обвинет за полова дискриминација и за вознемирување на работното место од поранешна вработена во неговата компанија. Бараната отштета изнесува 12 милиони долари.
Оштетената Грејм Чејс Робинсон во обвинението наведува дека глумецот често се однесувал лошо со колешките. Користел сексистички изрази и ги нарекувал „кучки“ и со други навредливи називи.
– Роберт де Ниро не прифаќа дека мажите и жените треба да бидат еднакви. И, не му е грижа тоа дека половата дискриминација на работното место значи кршење на законите, смета адвокатот на Робинсон.
Во обвинението се вели и дека жените вработени кај глумецот биле многу пониско платени од мажите.
Робинсон во април го добила решението за отказ, со образложение дека гледала филмови во работно време. Нејзините адвокати ги отфрлаат тие наводи како неточни.
Де Ниро во соопштението како одговор на тужбата, отфрла секаква вина.