Повеќе од три часа траат преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство со кое би се решила судбината на Специјалното јавно обвинителство. Извори од преговарачките тимови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема напредок во преговорите.
„Главна цел им е предметите од СЈО да не продолжат, односно обвинетите од ВМРО-ДПМНЕ да не одговараат пред судовите. Постојано ја враќаат таа тема за дискусија. За власта тоа е завршено прашање бидејќи со предавањето на предметите од СЈО кај Јавното обвинителство, тие предмети не можат и нема да зависат од од политичарите, туку исклучиво од независна правосудна институција“, брифираат извори од преговарачкиот тим на власта.
Лидерската средба почна во 20 часот. Во Собранието дојдоа премиерот Зоран Заев, министерката Рената Дескоска, советникот на премиерот, Бојан Маричиќ, Соња Мираковска како дел тимот од власта, а од тимот на опозицијата се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Тони Менкиноски.
Изјави за исходот од разговорите се очекуваат по средбата, но засега, според она што го брифираат двете партии, нема напредок во преговорите.
Поради скратените рокови, се очекуваше законот за Јавното обвинителство да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен, потребно е двотретинско мнозинство.