Tројазични табли на кои пишува дека споменикот е во чест на историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и светското културно наследство, осамнаа денес на спомениците на Александар Велики, Олимпија и Филип Втори. Таблите се со големина на А4 формат и се залепени под или на оградата од мермерните фонтани и се речиси незабележителни за случајните минувачи.
„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“, стои на ознаката на 14-метарската бронзена скулптура поставена на десетметарски столб, во вредност од 10 милиони евра.
Слични ознаки има и на спомениците на Олимпија и Филип Втори поставени пред влезот на Старата скопска чаршија. Таблите се напишани на македонски, албански и англиски јазик. надлежни за поставувавњето на ознаките се од Град Скопје и велат дека активноста опфаќа четири антички споменици, но не откриваат колку точно пари ќе се издвојат за оваа намена.
„Трошоците за активностите кои ќе ги спроведе градот се планирани во средствата за програмата за нумерација и поставување табли и истите се реализираат во рамките на постоечките договори, поточно истите не предизвикуваат дополнителни финансиски трошоци. Со оваа активност ќе се постават табли на 4 објекти од Скопје 2014 кои се во надлежност на Градот Скопје (Александар Велики, Олимпија, Филип Втори и Филип Втори во плоштадот во Автокоманда)“, одговорија од Град Скопје.
Од Владата велат дека активностите се спроведуваат согласно предвидената динамика на преспанскиот договор.
„Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледаме прашањето и да се обезбеди почитување на таквото наследство“, соопштија од Владата.
По налог на Владата, согласно преспанскиот договор од вчера почна да се отстранува и симболот на поранешното државно знаме – сонцето од Кутлеш. Службите на Град Скопје почнаа со отстранување од шахтите во центарот на Скопје, а министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, изјави дека одлуката се однесува на општините, државните и локални институции. Во однос на приватното користење на симболот, Милевски рече дека тоа не може да се забрани.