Зеленски пред италијанските пратеници: Русија агресија во Украина може да донесе глад во светот

Од:

Нападот на Русија врз Украина може да предизвика глад во други земји во светот, предупреди денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето пред италијанскиот Парламент, повикувајќи на поголема помош во борбата против агресорите.

Обраќајќи им се на италијанските пратеници преку видео врска, Зеленски рече дека неговиот народ се бори за опстанок додека руската армија ги уништува украинските градови и убива цивили.

– За руските војници Украина е вратата кон Европа која сакаат да ја пробијат, но не смее да се дозволи варварите да го направат тоа, рече тој, додавајќи дека ефектите од војната веќе се чувствуваат во многу делови од светот.

– Најлошото е што на некои земји им се приближува гладот. Украина отсекогаш била еден од најголемите извозници на храна, но како можеме да посееме род под руски артилериски напади?, праша украинскиот претседател.

Земјите како Либан, Египет, Јемен и други во последните години зависат од украинската пченица, а војната предизвика голем пораст на цените на пченицата, за дури 50 проценти во последниот месец.

Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека Украина пружила „херојски“ отпор на руската инвазија и вети дека ќе продолжи да им помага на бегалците и да испраќа воена помош.

– Ароганцијата на руската влада се соочи со достоинството на украинскиот народ, кој успеа да ги потисне експанзионистичките цели на Москва и да и нанесе огромна цена на окупаторската војска, рече Драги.

Украина долго време сака да влезе во ЕУ и неодамна аплицираше за членство. Драги рече дека тоа е долг процес бидејќи треба да се спроведат многу реформи.

– Сакам да му кажам на претседателот Зеленски дека Италија е на украинската страна во овој процес. Италија ја сака Украина во Европската унија, потенцираше тој.

– Украинскиот народ ве поддржа за време на пандемијата. Ви испративме лекари, а Италијанците ни помогнаа за време на поплавата (во 2020 година), рече Зеленски во видео-обраќањето во италијанскиот Парламент. – Ние сме благодарни, но инвазијата трае веќе 27 дена, речиси еден месец, и ни требаат повеќе санкции, поголем притисок, инсистира Зеленски.

Зеленски рече дека руските агресори се виновни за злосторства во неговата земја, како оние што ги извршиле нацистите. – Во Киев мачат, силуваат, киднапираат деца, уништуваат и ни го одземаат имотот, рече Зеленски. Последен пат во Европа тоа беше направено од нацистите. Руската армија дури го минираше морето во близина на нашите пристаништа, потенцира Зеленски.

Зеленски беше пречекан со овации од италијанските пратеници и сенатори и на почетокот и на крајот од неговото 12-минутно обраќање.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Надојдена река однесе тројца млади во Италија, им се губи секаква трага

Поплави во Италија: Тројца млади исчезнаа во водата

Предраг Петровиќ

„Јас сум таа ку*ка Мелони, како сте“?

Предраг Петровиќ

Сопругот на италијанската европратеничка е пронајден мртов во автомобилот

Предраг Петровиќ

Драма во Палермо: Tатко ги избодел сопругата и двете деца, а потоа се забарикадирал во куќата

Ројтерс: Путин е подготвен да стави крај на војната во Украина, но има услов за тоа