Контроверзниот американски водител Алекс Џонс денеска поднесе барање за банкрот, откако пред помалку од два месеци судската порота одлучи дека тој и неговата компанија „Инфоварс“ (Infowars) мораат да платат отштета од речиси една милијарда долари на семејствата на жртвите од пукањето во училиштето Сенди Хук во 2012 година, што тој го негираше.
Според судските документи во Хјустон, Џонс располага со имот во вредност меѓу еден и 10 милиони долари и обврски меѓу една и 10 милијарди долари.
Во случајот покренат од семејствата на повеќе од десетина жртви, поротата во Конектикат во октомври и наложи на компанијата на Џонс да плати отштета од речиси една милијарда долари.
Во одделен случај во Тексас, поротата во август одлучи дека Џонс мора да плати отштета од 50 милиони долари на родителите на шестгодишното момче убиено во масакрот.
Џонс со години тврди дека убиството на 20 ученици и шест членови на персоналот во основното училиште Сенди Хук во Њутаун, во Конектикат, било организирано како дел од владиниот заговор за кражба на пиштоли од Американците.
Во меѓувреме, тој, сепак, призна дека пукањето навистина се случило.