Суд во Мавританија ја изрече првата смртна казна од 1960 година заради отпадништво од исламската вера, а образложението на судот е дека осудениот не искажал должно почитување кон пророкот Мухамед.
Осудениот Мохамед Шеик Оулд Мохамед (30) паднал во бессознание откако во судницата му била соопштена пресудата на судот во Нуадибу, град во северозападниот дел на оваа африканска земја.
Стражарите му помогнале на Мохамед да си дојде на себе, и веднаш потоа го префрлиле во затворската ќелија, пренесуваат француските медиуми.
Мохамед, кој од 2 јануари постојано се наоѓа во затвор, во судскиот процес ја негираше својата вина за обвинението што му се стави на товар.
Судијата на обвинетиот му кажа дека е осуден бидејќи во свој текст, што го објавил на неколку интернет страници во земјата, не искажал должно почитување кон пророкот Мухамед.
Тој, според мислењето на судот, ги довел во прашање одлуките на пророкот и неговите следбеници во светите војни.
Локалните исламски организации соопштија дека тоа било првпат во оваа земјата некој да објави критички текст за исламот.
Соопштувањето на смртната казна публиката во судот ја поздрави со извици на одобрување, додека низ улиците на градот возачите ги притискаа сирените во автомобилите во знак на одобрување.
Во Мавританија во сила се шеријатските закони, но најстрогите казни, како камшикување осуденици, ретко се применуваат, а смртната казна не е извршена уште од 1987 година и судовите досега ја изрекувале за обвиненија за убиства и тероризам.