Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, денеска повтори дека ставот на Иран кон Соединетите Држави останува непроменет и дека Техеран инсистира на седум услови за преговори со Вашингтон, опишувајќи ги заканите и навредите упатени од страна на САД како „знак на американски очај“.
„Нашата позиција останува онаква каква што претходно ја изнесовме: нема да има никакви дејствија или преговори сè додека не се исполнат седумте услови на Иран“, изјави Калибаф, според извештајот на иранската новинска агенција „Фарс“.
Калибаф нагласи дека Иран е подготвен одлучно да одговори на секој непријателски потег од страна на САД.
Тој ги окарактеризира неодамнешните изјави и закани упатени кон Иран од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и секретарот за финансии Скот Бесент како „бесмислени“.
Во неодамнешна објава на платформата „X“, Бесент наведе дека неговиот ресор ќе продолжи со разбивање на илегалните финансиски мрежи на Иран „сè додека не се уништи главата на змијата“.
Во понеделникот, Министерството за финансии на САД објави воведување санкции против повеќе од 20 ирански менувачници, компании и поединци, како дел од, како што наведоа, сеопфатни напори за попречување на глобалните мрежи на иранското „банкарство во сенка“. Условите на Иран за преговори со САД вклучуваат укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа, олеснување на санкциите, одмрзнување на иранските средства, прекин на непријателствата на сите фронтови и официјално прогласување на крајот на војната.
