Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека цените на нафтата паднале по одржувањето на меѓуизборите во САД, обвинувајќи ги демократите и Иран дека се обидувале што подолго да ги задржат високите цени.
– Зарем не е интересно што цените на нафтата паднаа по меѓуизборите? Ви реков дека тоа ќе се случи. Сето ова е огромна измама!, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.
Тој истакна дека пред меѓуизборите во САД, одржани на 3 ноември, предвидел две работи. Првата, дека доколку демократите победат, ќе следува значителен пад на берзите, што, според него, и се случило. Втората, дека Иран, кој досега усмртил 81.000 демонстранти, ќе стане поагресивен во нападите.
Американскиот претседател тврди дека и ова предвидување се остварило, посочувајќи дека Иран во текот на изминатата недела лансирал повеќе дронови и ракети отколку во кој било период во последната година.
„Не грижете се, сите беа соборени и не предизвикаа никаква штета. Иранските лидери ги сметаат демократите за слаби, неефикасни и за оние кои ја уништуваат земјата, но јас нема да го дозволам тоа! И демократите и Иран жестоко се бореа цената на нафтата да остане висока што е можно подолго, а од изборите наваму цената на нафтата забележа рекорден пад“, напиша Трамп.
Тој изрази жалење што гласачите не го препознале тоа пред да ја донесат својата одлука, оценувајќи дека изборите биле „многу чудни“.
„На крајот, Америка ќе победи! Ви благодарам за вниманието што му го посветивте на ова прашање“, заклучи американскиот претседател.
На меѓуизборите одржани на 3 ноември, Демократската партија освои мнозинство во двата дома на американскиот Конгрес – Претставничкиот дом и Сенатот. Со овој резултат, Републиканската партија на Трамп ја загуби контролата врз законодавната власт на половина од неговиот претседателски мандат.
