ВИДЕО: Иран обави дека погодил два американски радара во Бахреин

Од:

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека во саботата вечерта извршила напад со ракети и беспилотни летала врз две американски воени бази во Бахреин. Според тврдењата на гардата, биле погодени два радара на американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Нападот го извеле воздушно-космичките сили на Револуционерната гарда, а цели биле радарите во базите Ал-Рифа и Авали. Американската војска засега не потврди дека радарите биле погодени или уништени.

Иранската револуционерна гарда наведува дека нападот бил одговор на американските воени активности и на наводното нарушување на иранскиот воздушен простор. Посебно ги спомена американските беспилотни летала MQ-1 и MQ-9.

Според иранските тврдења, овие летала навлегле во иранскиот воздушен простор, по што гардата започнала напад врз американските позиции во Бахреин. САД засега не ги потврдија наводите за упад на дроновите.

Од Револуционерната гарда порачаа дека иранскиот воздушен простор е граница што другите држави не смеат да ја преминат, предупредувајќи дека на секое ново нарушување ќе одговорат со силна воена акција.

Одбранбените сили на Бахреин потврдија дека во саботата вечерта пресретнале повеќе ирански воздушни напади. Според нивните информации, остатоци од пресретнатите ракети предизвикале материјална штета, но нема повредени лица.

Министерството за внатрешни работи на Бахреин претходно издаде предупредување за можна опасност и ги повика жителите да побараат засолниште. Властите известија и за пожар во еден цивилен индустриски објект.

Сепак, бахреинските власти не ги потврдија тврдењата на Иран за уништување на двата американски радари. Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) засега не одговорила на барањето на „Ројтерс“ за коментар.

Бахреин е еден од клучните американски воени сојузници во Персискиот Залив. Во земјата се наоѓа командата на Петтата флота на американската морнарица, која е одговорна за важни поморски правци на Блискиот Исток.

Американските системи „Патриот“ се користат за пресретнување непријателски авиони, ракети и други воздушни закани. Нивните радари имаат клучна улога во откривањето и следењето на целите, како и во насочувањето на ракетите-пресретнувачи.

Иран и претходно напаѓаше американски воени позиции и други цели во Бахреин за време на конфликтот што започна кон крајот на февруари.

Најновите напади се случуваат во период на продолжени воени судири меѓу Иран и американските сили во регионот.

Би можело да ве интересира

Техеран ѝ се заканува на Европа: Земјите што ќе обезбедат бази за напади врз Иран ќе бидат цели

Багаеи: Лажни се извештаите дека Иран развива биолошко оружје

Трамп се соочува со тешка одлука

Американската воена операција против Иран достигна цена од над 44 милијарди евра

Трамп: Нема да дозволиме Иран да поседува нуклеарно оружје

Иран негира вмешаност во планиран терористички напад во Грција