Русија, Кина и Франција денеска апелира до Иран да ги исполни своите обврски од нуклеарниот договор од 2015 година и да се воздржи од понатамошни чекори кои би можеле да доведат до влошување на ситуацијата.
Иран вчера соопшти дека ја надмина границата на резерви на збогатен ураниум договорена со мултилатералниот договор во 2015 година. Тоа е прво отстапување од договореното од страна на Техеран откако САД минатата година еднострано се повлекоа од договорот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика Техеран да „покаже воздржаност и да не се препушта на емоциите“ и да ги почитува одредбите од договорот.
Тој исто така побара од Европска Унија да го одржи ветувањето и конечно да го примени системот за заштита на трговијата со Иран од американските санкции.
Во меѓувреме, Кина изрази жалење поради одлуката на Иран, истакнувајќи дека причина за тензиите е притисокот од Вашингтон.
– Кина останува посветена на договорот од 2015 година и сите страни треба да покажат воздржаност и да го зачуваат договорот со цел да се избегне ескалација на тензиите, се наведува во соопштението од кинеското Министерство за надворешни работи.
Додека претседателот на Франција, Емануел Макрон апелираше до Иран веднаш да ги намали резервите на збогатен ураниум и да го почитува договорот.
И американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека „Иран си игра со оган“.
– Немам порака за Иран. Знаат што прават… Мислам дека си играат со оган, посочи Трамп.Белата куќа и претходно реагираше на иранската најава за надминување на договореното ниво на збогатен ураниум истакнувајќи оти „САД и нивните сојузници никогаш нема да дозволат Иран да развие нуклеарно оружје“.
Претходно, Иран се закани дека на 7 јули ќе го зголеми збогатувањето на ураниум до ниво доволно за изработка на нуклеарно оружје.
Шефот на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф вчера потврди дека Иран го надмина ограничувањето од 300 килограми збогатен ураниум.
Иран, со Договорот што во 2015 година го потпиша со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, се обврза да ја ограничи активноста за збогатување на ураниум, а за возврат му беше ветено укинување на меѓународните санкции.
Трамп минатата година еднострано ги повлече САД од Договорот и воведе дополнителни санкции кон Иран. Официјален Техеран побара од останатите земји потписнички на Договорот да го заштитат Иран од американските санкции, а во спротивно најави дека нема да се придржува до спогодбата.