Тензиите меѓу САД и Иран повторно ескалираа откако американските сили извршија воздушни напади врз повеќе ирански воени цели, како одговор на напад со дрон врз трговски брод во Ормускиот Теснец.
Според американската Централна команда (CENTCOM), нападнати биле десет воени цели, меѓу кои системи за противвоздушна одбрана, комуникациски капацитети, складишта за беспилотни летала и друга воена инфраструктура.
Од Техеран возвратија со ракетни и беспилотни напади врз американски воени бази во Кувајт и Бахреин. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека цел биле осум клучни објекти во базата „Али ал-Салем“ во Кувајт и базата на Петтата флота на американската морнарица во Бахреин.
Американски претставник, повикувајќи се на првичните информации, изјавил дека нема загинати американски војници, ниту е регистрирана поголема материјална штета.
Иранското Министерство за надворешни работи ги осуди американските напади, оценувајќи ги како прекршување на примирјето постигнато на 17 јуни. Од Техеран порачаа дека секоја нова агресија ќе биде проследена со силен одговор.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social испрати остра порака до иранското раководство.
„Можеби ќе дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што успешно ја започнавме. Ако тоа се случи, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“, напиша Трамп.
По размената на напади, Кувајт и Бахреин ги активираа системите за противвоздушна одбрана, а властите ги повикаа граѓаните да останат внимателни додека безбедносната состојба се следи.
Новата криза доаѓа само неколку дена по потпишувањето на договорот за прекин на непријателствата, со кој Иран се обврза да обезбеди безбедна пловидба низ Ормускиот Теснец. И покрај тоа, ситуацијата повторно е на работ на поширока регионална ескалација.
