Портпаролот на иранската војска, Мохамад Акраминија, ги предупреди бродовите да не ги користат, како што ги нарече, „лажните американски рути“ за поминување низ Ормутскиот теснец, нагласувајќи дека овој стратешки воден пат нема да биде отворен сè додека Соединетите Држави не прифатат седум ирански услови, пренесе новинската агенција „Тасним“.
– Реалноста на теренот покажува дека користењето на овие рути ги изложува пловилата на опасност од поморски мини, пожари и експлозии, рече Акраминија.
Тој изјави дека безбедноста на пловидбата може да се гарантира само преку координација со иранската војска и Корпусот на исламската револуционерна гарда, како и преку користење на рутите одредени од овие сили, објави „Ал Џезира“.
Акраминија, исто така, напомена дека американските воени бази во регионот остануваат „легитимни цели“ и предупреди дека секоја „погрешна проценка“ ќе наиде на моќен одговор, кој ќе се прошири надвор од географските граници.
