Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека Иран е „во процес на развој на хемиско оружје“ и дека Израелските одбранбени сили (ИОС) се подготвени да извршат напад врз таа земја.
Обраќајќи им се на новинарите во својот кабинет, Кац истакна дека, иако Иран не ја реактивирал својата нуклеарна програма по израелско-американските напади врз клучни постројки во јуни 2025 година, „постојат знаци дека се обидува да го стори тоа“, пренесува „Тајмс оф Израел“ (The Times of Israel).
Тој нагласи дека Израел „нема да дозволи Иран да се стекне со хемиско оружје“.
– Кога ќе дојдеме до заклучок дека мораме да дејствуваме, ќе дејствуваме. Тоа нема да биде водено од политички причини, рече Кац.
Тој изјави дека ИОС и Централната команда на САД (CENTCOM) се „подготвуваат за заеднички напад“ врз Иран, додавајќи дека конечната одлука зависи од американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој процени дека нападот врз Иран „значително ќе го ослаби режимот и ќе го забрза неговиот колапс“, додавајќи дека израелската разузнавачка служба, Мосад, е задолжена за планот за соборување на иранскиот режим. Кац предупреди дека, покрај заканата од хемиско оружје, Иран би можел да изврши ненадеен напад врз Израел, додека истовремено – како што тврди тој – планира атентати врз Нетанјаху, како и врз Трамп и членови на неговото семејство.
Во разговорот со новинарите, Кац најави дека Израел ќе остане во тампон-зоните во Либан, Газа и Сирија – територии заземени по нападот врз јужен Израел во октомври 2023 година, извршен од палестинската милитантна група Хамас, и по двегодишната војна што следеше.
Во однос на израелската тампон-зона во Сирија, Кац го опиша привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, како „итар непријател“ кој „гради капацитети со турска поддршка“.
„Безбедносен договор со Сирија не е остварлив. Тој не сака мировен договор; тој сака повлекување“, рече Кац.
Израелските претставници претходно изјавија дека операциите во Сирија се неопходни, меѓу другото, за да се спречат терористички групи да го нападнат северен Израел, исто како што тоа го направи Хамас на југот.
