САД би можеле во наредните денови да објават нови царини за увоз од Кина, Европската Унија и 14 други економии, пренесува „Скај њуз“ (Sky News). Сè уште не се познати точната висина на царините, производите за кои ќе важат, како и датумот од кога ќе стапат на сила.
Се очекува Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) да ги објави наодите од повеќемесечната истрага за прекумерните индустриски капацитети и производството во овие економии. Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека прекумерното производство – поттикнато од државни субвенции – создава вишок евтини стоки, што ги загрозува американските компании.
Истрагата беше покрената врз основа на Дел 301 од Законот за трговија на САД од 1974 година, кој овозможува воведување царини како одговор на постапките на други економии, за кои САД сметаат дека се штетни за американските бизниси или трговија.
На списокот се наоѓаат Кина, Европската Унија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Виетнам, Тајван, Тајланд, Малезија, Индонезија, Швајцарија, Норвешка, Сингапур, Бангладеш и Камбоџа. За потребите на оваа истрага, Европската Унија се третира како единствена економија.
Сè уште не е јасно дали новите царини подеднакво ќе ги опфатат сите 16 економии. Според извори запознаени со плановите, стапките може да се разликуваат од земја до земја, а можно е Мексико и Норвешка да не бидат веднаш опфатени со новите давачки. Доколку се воведат, овие нови царини ќе се надоврзат на давачките од 10 до 12,5 отсто, кои САД ги воведоа претходно оваа година за увоз од десетина земји, како дел од посебна истрага за спроведувањето на забраните за увоз на стоки произведени со принудна работа.
Планираните нови давачки се дел од напорите на администрацијата на Трамп да ја обнови пошироката царинска програма, која претходно оваа година беше прогласена за неуставна од страна на Врховниот суд на САД.
Овој потег доаѓа откако Републиканците го загубија мнозинството во двата дома на Конгресот на неодамнешните избори на средината на мандатот, при што трошоците за живот беа едно од клучните прашања во предизборната кампања.
Во јули 2025 година, САД и ЕУ се договорија за максимална вкупна царина од 15 отсто за повеќето стоки од ЕУ. За возврат, ЕУ ги укина царините за американските индустриски производи. Договорот се применува од 1 јули 2026 година.
Исклучок се челикот и алуминиумот, за кои царинските давачки остануваат во висина до 50 отсто.
