Американскиот претседател Доналд Трамп тргувал со акции на технолошката компанија „Нвидиа“, покажуваат официјалните документи што Канцеларијата за владина етика (OGE) ги објави пред неколку дена. Објавувањето на податоците следува откако високи функционери на Демократската партија претходно го обвинија Трамп дека ги става сопствените финансиски интереси пред националната безбедност на САД.
Според најновиот извештај, во текот на септември биле извршени повеќе трансакции преку брокерските сметки на Трамп.
На 2 септември биле купени акции во вредност од 100.001 до 250.000 долари, а една недела подоцна следувало уште едно купување, во вредност од 1.001 до 15.000 долари. Кон крајот на месецот, на 24 септември, била евидентирана и продажба на акции во вредност од 1.001 до 15.000 долари.
Извештајот за август, објавен минатиот месец, откри и трансакции со значително поголема вредност. Тогаш на брокерските сметки на Трамп било евидентирано купување акции на „Нвидиа“ во вредност до 1,56 милиони долари.
Во истиот документ била пријавена и продажба на акции во вредност до еден милион долари.
