Во морскиот теснец повторно се активни пиратите кои киднапираат бродови, особено танкери. Малезиските поморски власти денеска соопштија дека е загубен контактот со танкерот „Орким хармони’’ кој превезувал 75 милиони литри бензин и дека тој е плен на пиратски напад. Ова е втор танкер на истата компанија киднапиран во овој месец, а двата биле пресретнати на педесетина километри од пристаништето во Џохор бару, во превојот Малуку, меѓу Малезија и Сингапур.
До појавата на морските пирати од Сомалија, морскиот теснец што покрај бреговите на Малезија, Симгапур и Индонезија ги поврзува Јужното Кинеско Море и Индискиот Океан беше најопасно место за пловидба во светот. Пиратите, кои имаат свои бази во Малезија и Индонезија од лани почнаа да го враќаат „приматот’’ и месечно запираат и пљачкосуваат по 3 до 4 брода, најчесто натоварени со нафта во цистерните.
Пиратите ја користат ноќта и со неколку помали брзи бродови ги пресретнуваат жртвите, го земаат товарот, а посадите, вообичаено ги ослободуваат со симболичен откуп. Со киднапирање и високи уцени се занимаваат пиратите кои пљачкосуваат понасевер, во морето меѓу Малезија и Филипините. Поради атрактивноста на морето и богатството со скапоцени корали во тој регион, голем број јахти крстосуваат меѓу островите, а само во последниве 12 месеци биле киднапирани 14 јахти за чии сопственици е плаќан откуп дури и до 25 милиони долари.