Лидерите на 20-те најбогати држави во светот на самитот на Г20, кој почна денеска во Бризбејн ветија дека ќе сторат се што е во нивна моќ за да ја искоренат епидемијата на ебола, од која досега починаа над пет илјади лица во западна Африка.
– Земјите од Г20 се заложија да преземат се што е потребно за да се искорени епидемијата и да се надминат среднорочните економски и хуманитарни последици од неа, се наведува во соопштението објавено од Бризбејн, по првиот ден од самитот.
Во меѓувреме австралискиот премииер Тони Абот, кој е домаќин на самитот вети дека ќе се стори се што е во негова моќ светскиот БДП да биде зголемен за два билиони долари.
Абот на официјалното отварање на самитот исто така вети послободна трговија и повеќе инвестиции во инфраструктурата.
Тој истакна дека плановите за раст ќе отворат милиони работни места и ќе го зајакнат светскиот БДП со над два отсто над очекуваното ниво за следните пет години.
– Тоа е нашата порака до светот дека владите можат да ги исполнат овие планови, дека владите можат да постигнат спогодба, дека светот може да биде подобар, дека може да има поголема вработеност, повисок раст и повеќе работни места, нагласи австралискиот премиер.
Абот истакна дека би сакал дискусијата да се фокусира на политиката на економски раст, но додаде дека секој од учесниците може да покрене дискусија за темата, што смета дека е важна.
– Пораката, која треба од нас да дојде следните два дена е порака на надеж и оптимизам, нагласи Абот на почетокот на самитот.