Во Бандунг, Индонезија, во четврток ќе започне голем меѓународен собир во знак на одбележување на 60-годишнината од првата Азиско-африканска конференција, на кој ќе учествуваат најмалку 45 шефови на држави од двата континента.
Министерството за надворешни работи на Индонезија денеска потврди дека во Бандунг, меѓу другите, ќе допатуваат и лидерите на Кина, Јапонија, Јужна Африка, Египет и Пакистан.
На тридневниот азиско-африкански Самит, како што е најавено, ќе биде усвоена резолуција за „целосно признавање на палестинската држава“. Индонезија во рамките на Обединетите нации повеќе години ги координира активностите за признавање на целосниот легитимитет на Плаестина.
Првата Азиско-африканска конференција одржана во Бандунг во 1955 година, во време на ескалацијата на Студената војна е позната и по Декларацијата за Десетте принципи за зачувување на светскиот мир и рамноправната соработка меѓу државите. На принципите на оваа Декларација беше формирано и Движењето на неврзаните, чии оснивачи беа Индонезиа, Индија, Југославија и Египет.
На Самитот во Бандунг треба да се донесе и Резолуција за ревитализација на Спогодбата за соработка и партнерство, усвоена пред 10 години, која покрај Декларацијата за Палестина ќе биде централна тема на дискусиите.
Најавени се и декларации за заедничка борба против тероризмот и меѓународниот криминал, за безбедност на храната и туризмот. Треба да се усвојат и документи за енергетската сигурност, унапредувањето на правата на жените и создавање на универзитетска мрежа на двата големи континенти.