Првите луѓе на Хонгконг денеска им се извинија на муслиманските лидери од градот откако во текот на последните демонстрации полицијата употреби водени топови гаѓајќи џамија и минувачи, во обид да ги растури демонстрантите.
Американските медиуми пренесуваат дека лидерката на Хонгконг, Кери Лам, и шефот на полицијата ја посетиле џамијата Каолун за да им се извинат на главниот имам и лидерите на муслиманската заедница.
Владата преку соопштение најави дека Лам упатила извинување заради невнимателната употреба на водените топови.
Властите тоа го нарекоа несреќен случај, но минувачите тоа го оспоруваат, наведуваат американските медиуми.
Муслиманските лидери изјавија дека го прифатиле извинувањето.
-Нашата џамија не е оштетена, ништо лошо не е сторено, единствената работа е што тоа не смееја да го направат. Тие за тоа се извинија и ние го прифативме извинувањето, изјави Саед Удин, почесниот секретар на Фондот на исламската заедница на Хонгконг.
Полицијата подоцна се извини на прес-конференција и наведе дека ги контактирала лидерите на муслиманската заедница ширум градот.
-На било кој народ или на било која група која е погодена им нудиме искрено извинување, рече Чеук Хау-ип, регионалниот командант на Коулин Вест. „Секако дека немавме лоши намери“, додаде тој.