„Јужноафриканскиот“ вирус е отпорен на терапија со плазма и може да ја намали ефикасноста на вакцините

Од:

Новата варијанта на коронавирус кој беше идентификуван во Јужноафриканската Република може да ги избегне антителата кои се користат во третманите со крвна плазма од претходно излечени пациенти, а исто така и може да ја намали ефикасноста на постоечките вакцини против вирусот, соопштија денеска научници од Јужна Африка, според Ројтерс.

Тимот истражувачи од три универзитети од земјата брзаат да утврдат дали вакцините што во моментов се дистрибуираат низ целиот свет, се ефективни против мутацијата на вирусот која беше откриена во декември во Јужна Африка.

„Овој сој покажува комплетно избегнување на три класи терапевтски релевантни моноклонални антитела,“ велат научниците, кои работат заедно со Националниот институт за преносливи болести, во труд објавен во списанието bioRxiv.

Понатаму, варијантата позната како 501Y.V2 покажува значајно или комплетно избегнување на неутрализирачки антитела во ковид-19 конвалесцентна плазма“, пишуваат научниците, додавајќи дека нивните заклучоци „ја нагласуваат можноста од повторна инфекција… и може да најавуваат намалена ефикасност на сегашните вакцини засновани на ткн. „спајк“ протеин“.

Типот на коронавирус 501Y.V2 е за 50 проценти позаразен од претходно идентификуваните типови, според друга група јужноафрикански истражувачи и нивна студија објавена неделава.

„Јужноафриканската“ варијанта веќе се прошири во најмалку 20 земји, откако беше пријавена до СЗО на крајот на декември. Тоа е само една од мутациите на вирусот откриени во последните недели, меѓу кои се и типовите првпат откриени во Англија и во Бразил.

Во Јужна Африка, новиот тип е главниот „виновник“ за вториот бран на ковид-инфекции, кои достигнаа околу 21.000 новозаразени на ден на почетокот на месецов, што е многу повисока бројка од која било забележана за време на првиот бран на епидемијата во земјата. Во изминатите денови, беа регистрирани по околу 12.000 случаи на ден.

Засега нема цврсти докази дека конвалесцентната крвна плазма од пациенти кои закрепнале од болеста, која содржи антитела, е ефикасна кога се дава на пациентите со тешки симптоми кои бараат интензивна нега, но повеќе земји, меѓу кои и Македонија, ја имаат одобрено терапијата како крајна мерка во лекувањето на ковид-пациентите.

Во извештајот на јужноафриканските научници се вели дека останува да се види дали сегашните вакцини се ефикасни против варијантата на вирусот откриена во нивната земја, а тоа може да се утврди само со големи клинички испитувања. Сепак, резултатите кои тие ги добиле, ја покажуваат потребата да се развиваат нови вакцини за да бидеме подготвени за новата закана, велат научниците.

Би можело да ве интересира

Фармери ја убиле Марија и уште една жена, со нивните тела ги нахраниле свињите: Случајот ја шокираше Јужна Африка

(ВИДЕО) Големи бранови предизвика хаос во Јужна Африка: Природна појава усмрти две лица

Младата Верушка Нел од ЈАР ги именуваше убијците пред да почине во болница

Во Јужна Африка загинаа 18 лица во престрелка со полицијата

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска