Јужноафриканскиот министер за здравство, Звели Мкизе изјави денеска дека Владата размислува за продажба или замена на вакцината на АстраЗенека против коронавирус, но сепак ќе почека совет од научниците кои работат на планот за вакцинирање со алтернативна вакцина од САД.
Јужноафриканската Република престана со употреба на вакцината на АстраЗенека и Универзитетот во Оксфорд, откако едно клиничко истражување покажа дека таа не заштитува доволно од таканаречениот јужноафрикански вид на коронавирус, познат меѓу научниците како 501Y.V2, кој е доминантен во таа држава.
Вакцината е тестирана главно на помладата популација во таа земја и се покажа дека не е ефикасна во спречување на поблаги форми на болеста, кои се најчести кај младото и здраво население.
Милион дози од вакцината на АстраЗенека, произведена од индискиот Институт за серум, пристигнаа во ЈАР минатата недела, а се очекува во следните недели да пристигнат уште 500.000 дози.
Министерот Мкизе на прес-конференција објави дека властите ќе започнат пробно да ги вакцинираат здравствените работници со вакцината на Џонсон и Џонсон. Се покажало дека таа вакцина има 57 отсто ефикасност против „умерени до тешки“ облици на зараза од јужноафриканскиот вид на коронавирус.
– Зошто да не им се продаде вакцината на АстраЗенека на други земји. Тоа е опција и ние ќе ја разгледаме. Прво, нашите научници ќе ни кажат што да правиме со неа, дали можеме да ја искористиме во рокот на траење, додаде министерот.
Владата обезбеди вакцини на Фајзер/БиоНТек за здравствените работници, а преговара и со Модерна, кинеската Синофарм и со Русија за вакцината Спутник V.