Групата Г20 се согласи да ја прими Африканската унија како постојана членка, објави Bloomberg News, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање. Овој потег ќе и даде на Африканската унија, континентално тело од 55 земји-членки, ист статус како и Европската Унија, во споредба со нејзиниот сегашен статус на „поканета меѓународна организација“, се додава.
Индискиот премиер Нарендра Моди им предложи на лидерите на Г-20 во јуни, Африканската унија да добие полноправно и постојано членство во блокот на претстојниот самит во индиската престолнина. Групата Г20 во моментов се состои од 19 земји и Европската унија.
Оваа година, Г-20 покани девет земји кои не се членки, вклучувајќи ги Бангладеш, Сингапур, Шпанија и Нигерија, како и меѓународни организации – Обединетите нации, Светската здравствена организација, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд – на самитот за време на викендотво Њу Делхи.
Се очекува лидерите на Г-20 да ја објават одлуката на самитот, според Блумберг. Земјите како Германија, Бразил и Канада изразија поддршка за членството на Африканската унија во Г20. Групата Г20 е меѓувладин форум на најразвиените економии. Членките претставуваат околу 85 отсто од глобалниот БДП, повеќе од 75 отсто од глобалната трговија и околу две третини од светското население.